Тематски форум на Цивика мобилитас: „Можеме ли повеќе од грантови?!“ – Финансирање на граѓански организации преку: донации, краудфандинг (crowdfunding) и социјални претпријатија
Настанот ќе се одржи во четврток, 14 јули 2022 година од 12.00 часот, во Центарот за социјални претпријатија (ул. Македонија б.б до Спомен куќата на Мајка Тереза) во Скопје. Доколку не можете да дојдете, ќе може да го проследите и онлајн, преку стрим во живо на официјалната Фејсбук страна на Цивика мобилитас.
На оваа особена важна тема за граѓанските организации ќе се дискутира за праксите, примерите и предизвиците на секторот со мобилизацијата на фондови, односно нашата одржливост без поддршка преку грантови. Ќе се споделуваат и искуства од претставниците на граѓанските организации кои поминале низ некои од процесите за мобилизација на фондови. Се разбира, не е сè во парите, бидејќи зад недостигот на финансии секогаш ќе најдете мноштво други прашања што треба и ќе се адресираат на Форумот: недостатокот на вистинска вклученост на луѓето во активностите на ГО, недостатокот на претприемачки дух и желба да се проба нешто ново, недостаток на знаење на ГО за тоа како да се реши проблемот со финансирање и слично.
Своите искуства во областа ќе ги споделат претставници на грантистите на заедницата на Цивика мобилитас и тоа: Љупчо Петковски, заменик претседател, Инно Хаб – Скопје,Сузана Трајковска Кочанковска, социјален и бизнис советник во Проектот за поддршка на социјални претпријатија и Виктор Мирчевски, програмски раководител, КОНЕКТ – Скопје.
Тематскиот форум на Цивика мобилитас обезбедува простор за дискусија помеѓу претставниците на граѓанските организации, институциите на национално или локално ниво и сите други чинители важни за решавање на прашањата кои се третираат.
Цивика мобилитас e програма за поддршка на граѓанското општество на Швајцарската амбасада, а ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.

Цивика мобилитас, денес (17 мај 2016 година) ги промовираше новите 48 грантисти и тоа институционалните грантови за 20 граѓански организации, специфичните акциски грантови за седум граѓански организации, мали акциски грантови за 12 граѓански организации и ад хок грантови за девет граѓански организации.
Запознавање со концептот на организацискиот развој на граѓанските организации и нивниот животен циклус беа темите на работилницата што се одржа на 16 јуни 2016 година во х. ТЦЦ Гранд Плаза, Скопје. На работилницата учествуваа претставници од дваесетте институционални грантисти од вториот повик на Цивика мобилитас, а ја водеше Ана Василаче, меѓународен експерт на програмата.