Високи очекувања по првата средба на грантистите и менторите на Цивика мобилитас
Се одржа првата средба на менторите и институционалните грантисти на Цивика мобилитас, кои во идниот период ќе соработуваат за развивање на организациските развојни планови.

„Преку оваа менторска програма се очекува секоја организација да развие таков менаџмент и таква организациска култура што ќе овозможи таа да продолжи да ги прави промените во општеството и по завршување на грантот од Цивика мобилитас“, рече Валентина Чичева, менаџер на институционалните грантови во програмата.
За време на состанокот, претставниците на организациите го споделија нивниот досегашен напредок на полето на организацискиот развој, а исто така ги споделија и очекувањата од нивниот институционален грант и поддршката која ќе ја добијат наредните три години.
Тони Станковски од здружението Љубезност, посочи дека организацијата е во фаза на професионализација на работата и дека очекуваат процесот да им даде добри насоки кон кои треба да се движат. „Дојдени сме до степен каде што не можеме повеќе да функционираме, врз основа на волонтерското слободно време на сите кои што учествуваат и беа хонорарно ангажирани на проект. Се надевам дека оваа менторска поддршка ќе не насочи во вистински правец“, додаде тој.
Менторите кои ja поминаа програмата „Менторство за организациски развој“ го споделија нивното искуство со граѓанските организации и го истакнаа нивното задоволство од соработката во претстојниот период.
Маја Смилевска, менторка на Центарот за управување со промени и Ресис, рече дека процесот на вклучување во Цивика мобилитас и бил многу интересен. „Новата методологија на некој начин ми е предизвик да бидам фокусирана на реалноста и убедена сум дека со вашето долго работно искуство на крај ќе стигнеме до продуктите и дека плус ќе останеме во добри односи во секторот“, рече таа во своето претставување.
Менторите ќе работат индивидуално со организациите што ќе им овозможи да го „скројат“ пристапот според нивните потреби, заради што, се очекува да бидат поголеми ефектите од менторската поддршка.
Цивика мобилитас, на 5 мај 2015 година ги промовираше првите 16 грантисти во новата фаза на програмата. Добитници на институционални грантови се: Полио плус; Меѓаши; Хелтгрупер самит; ЦОРЗ – Дебар; Солидарност; ИЗБОР – Струмица; ЗНМ; АДИ – Гостивар; Центарот за граѓански комуникации; „Флоренс Најтингел“ – Куманово; Организацијата на жени на општина Свети Николе; Фондацијата за развој на локалната заедница Штип; АНИМА МУНДИ; ЦИВИЛ; КХАМ Делчево и ЦРЗ Кичево.
Што значи и зошто е важна мобилизацијата на заедницата, која е целта, мотивот и каква е улогата на граѓанските организации? Овие прашања беа само дел од воведните излагања и дискусиите кои се развија на тематскиот форум на Цивика мобилитас кој се одржа на 13 октомври 2016 година во Едукативниот центар М6 во Скопје.