Избрани локалните ментори за институционалните грантисти на Цивика мобилитас
Учесниците кои влегоа во потесниот круг на програмата „Менторство за организациски развој“ успешно ги завршија активностите поврзани со развој на вештини и на знаење и со тоа станаа ментори на новата генерација институционални грантисти на Цивика мобилитас.

Сунчица Саздовска, Љупка Симоновска- Шулц, Иван Јованов и Маја Смилевска, се локалните експерти кои ќе ги поддржуваат институционалните грантисти во развој на нивните Планови за организациски развој. Досега, тие ги надградуваа нивните способности за да им го пренесат знаењето и вештините на организациите, но и кај нив да изградат чувство на сопственост врз Плановите кои ги подготвуваат преку партиципативен процес. Избраните ментори ќе имаат улога на тренери, консултанти и фацилитатори во партиципативното планирање.
Предноста на овој пристап на менторство од локални лица е можноста за повеќе состаноци лице в лице и посети на терен, преку кои се гради поцврста врска со организациите, а процесот може да се скрои врз основа на нивните засебни потреби. Ваквиот развој во програмата за учење произлезе од искуството во претходната фаза на Цивика мобилитас, а истиот е на задоволство на новите грантисти и ментори.
Фокусот на процесот кој претстои ќе се однесува на анализирање на лидерството во организациите, како и анализа на нивната ефективност и промените кои треба да се направат за остварување на визијата, мисијата и целите кои организацијата се стреми да ги постигне во насока на остварување на позитивни општествени промени.
Програмата „Менторство за организациски развој“ е дел од инструментот за учење во рамки на Цивика мобилитас. Активностите за градење капацитети на институционалните грантисти имаат за цел оспособување на грантистите за поефективно остварување позитивни општествени промени; зголемување на нивната свест за да предизвикаат позитивно влијание врз општеството, како и зајакнување на нивните капацитети за да имаат влијание во секторите во кои се активни.
Објавен е третиот и последен повик за институционални грантови во оваа фаза на Цивика мобилитас. Повикот се однесува на граѓански организации кои се регистрирани во Македонија согласно Законот за здруженија и фондации (2010), а ќе биде отворен до 31 октомври 2016 година, до 16 часот кога треба да бидат примени сите пријави, вклучително и оние донесени лично или испратени по курирска служба или по пошта.
Цивика мобилитас, на 5 мај 2015 година ги промовираше првите 16 грантисти во новата фаза на програмата. Добитници на институционални грантови се: Полио плус; Меѓаши; Хелтгрупер самит; ЦОРЗ – Дебар; Солидарност; ИЗБОР – Струмица; ЗНМ; АДИ – Гостивар; Центарот за граѓански комуникации; „Флоренс Најтингел“ – Куманово; Организацијата на жени на општина Свети Николе; Фондацијата за развој на локалната заедница Штип; АНИМА МУНДИ; ЦИВИЛ; КХАМ Делчево и ЦРЗ Кичево.