Повеќе од 350 организации учествуваа на информативните сесии за Цивика мобилитас
Од 15 до 19 декември 2014 година се одржаа седум информативни сесии посветени на Цивика мобилитас општо, но пред сѐ на првиот повик за институционални грантови. Повеќе од 350 претставници на над 300 граѓански организации од цела Македонија на информативните сесии во Струмица, Штип, Делчево, Скопје, Битола, Струга и Гостивар имаа можност да слушнат повеќе за програмата и за начинот на пријавување на првиот повик.

Тимот на Цивика мобилитас детално ја објасни постапката за аплицирање и содржината на пријавата. Особено внимание беше посветено на самооценката како алатка што за прв пат се применува во постапката на аплицирање за грантови. Самооценката се состои од пет дела кои се компатибилни со пристапот на Цивика мобилитас и димензиите на Индексот на граѓанско општество (практикување вредности, граѓански ангажман, ниво на организација, перцепција на влијание и околина). Пополнувањето на прашалникот за самооценка ќе ги обезбеди потребните информации за планирање на развојот на граѓанските организации, што е основа за пријавата за грант.
Учесниците имаа можност да разговараат со тимот на Цивика мобилитас за поконкретни прашања во врска со програмата и повикот. Прашањата и одговорите ќе бидат споделени на веб-страната на Цивика мобилитас: http://civicamobilitas.mk/mk/komponenti/2/cm-ins-01/q-a

Повикот за институционални грантови беше отворен на 10 декември. Рокот за поднесување на пријавите е 26 јануари 2015 година. За прашања поврзани со повикот, организациите можат да контактираат со канцеларијата на Цивика мобилитас најдоцна до 12 јануари 2015 година на телефон 02/3065 381 или на е-пошта: poddrska@civicamobilitas.mk
Програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ).
Новите четири специфични акциски грантисти на Цивика мобилитас, се состанаа на 11 април 2016 година и разменија информации за истражувачко-развојните акции. Од страна на тимот на Цивика мобилитас беа презентирани намената, приоритетите и очекувањата од овие и од трите претходно одобрени грантови, како и договорните права и обврски и процесот на склучување договор.
Цивика мобилитас, на 5 мај 2015 година ги промовираше првите 16 грантисти во новата фаза на програмата. Добитници на институционални грантови се: Полио плус; Меѓаши; Хелтгрупер самит; ЦОРЗ – Дебар; Солидарност; ИЗБОР – Струмица; ЗНМ; АДИ – Гостивар; Центарот за граѓански комуникации; „Флоренс Најтингел“ – Куманово; Организацијата на жени на општина Свети Николе; Фондацијата за развој на локалната заедница Штип; АНИМА МУНДИ; ЦИВИЛ; КХАМ Делчево и ЦРЗ Кичево.