Кои се горливите проблеми на граѓаните во четири од регионите
Екипа на Цивика мобилитас од 30 август до 1 септември имаше повеќе средби со претставници на граѓански организации од четири региони на Македонија, грантисти на програмата. На овие средби тие ги ислушаа и разговараа со грантистите за проблемите кои тие ги сметаат за горливи и итни и кои треба да бидат тема на претстојните два регионални форуми на почетокот на октомври, но кои треба да бидат адресирани и со други активности.

Граѓанските организации од полошкиот и југозападниот регион со кои разговараше тимот на Цивика мобилитас сметаат дека главен проблем со кој се соочува населението е управувањето со отпадот, поточно приоритет за решавање се дивите депонии и дека токму ова треба да биде носечка тема на еден од форумите. Се разговараше и за потребата од поголемо ангажирање на полето на подобрување на меѓуетничките односи.
И граѓанските организации од источниот и југоисточниот регион со кои се сретна тимот беа едногласни за тоа кој е нивниот најголем проблем – отворањето на рудниците Иловица и Казан дол, како и испитувањата на можностите за отворање повеќе други нови рудници. Тие сметаат дека со работата на новите рудници ќе се направи ненадоместлива еколошка штета, опасна по здравјето на населението, не само во овој регион, туку и многу пошироко. „Доколку има рудници, ќе нема луѓе“, рече еден од присутните на средбите.
Голем проблем според граѓанските организации од сите региони е иселувањето. Има градови и села во источниот регион каде едвај се среќаваат луѓе по улица, велат тие, додавајќи дека не секогаш парите се главна причина за иселувањето, туку недостигот на квалитет на живот. Се разговараше и за недоволната соработката на локалните власти со граѓанските организации, но и меѓу самите општини, особено за регионални проблеми. Исто така често недостасува информирање и вклученост на граѓаните во работата на општините и во донесувањето на општинските политики, програми и буџети.
На форумите, кои ќе бидат отворени за граѓаните и сите заинтересирани, вклучително и за кандидатите за градоначалници и советници, ќе се разговара за конкретни решенија за утврдените проблеми и приоритети на регионално ниво. Очекувањето е сите учесници да се заложат за транспарентност, партиципативност и соработка за решавање на конкретните проблеми, особено оние кои ги тиштат граѓаните во повеќе општини и региони.
Регионалните форуми се планирани да се одржат на почетокот од октомври во организација на проектната канцеларија и грантистите на Цивика мобилитас, на кои се очекува како и досега бројно учество на граѓани и граѓански организации, како и на сите заинтересирани и засегнати страни.
Запознавање со концептот на организацискиот развој на граѓанските организации и нивниот животен циклус беа темите на работилницата што се одржа на 16 јуни 2016 година во х. ТЦЦ Гранд Плаза, Скопје. На работилницата учествуваа претставници од дваесетте институционални грантисти од вториот повик на Цивика мобилитас, а ја водеше Ана Василаче, меѓународен експерт на програмата.
Под ова мото се одвиваше регионалниот форум на Цивика мобилитас за полошкиот и скопскиот регион што се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово на 25 октомври 2016 година. Вкупно 62 претставници на граѓански организации, граѓански иницијативи, медиуми и институции разговараа не само за загадувањето кое не е нова вест во двата региони, туку за тоа како да се најдат решенија за загадената почва, вода и воздух.
Со парафразата на пораката на Полио плус, „Ништо за нас, без нас“, Питер Тоинес, националниот тим лидер на Цивика мобилитас, го отвори регионалниот форум за источниот и југоисточниот регион што се одвиваше под мотото „Вклучени сите, вклученост за сите!“ во Мултимедијалниот центар Канал 77, во Штип на 7 октомври 2016 година.
