Регионален форум: Процесот на децентрализација во Македонија
Цивика мобилитас го најавува регионалниот форум на тема децентрализација кој ќе се одржи на 19 јули 2018 година со почеток во 10:30 часот, во Големата сала на општина Велес. Вашето учество можете да го најавите на: Ве молиме потврдете го Вашето учество најдоцна до 17 јули (вторник) на следниот линк: https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSdbdMa94bijfzr-BcGb51V-7CIt7W66XCwkgNE1ViRMRpcIVg/viewform

Во три панел дискусии ќе се презентираат главните заклучоци и препораки од истражувањата и анализите поврзани со неколку аспекти на децентрализацијата. Учесниците ќе разговараат за успешноста на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во испорака на услугите и остварувањата на надлежностите кои им припаѓаат според законите, политиките за рамномерен регионален развој спроведени во последните 10 години, (де)централизираниот развој на граѓанското општество во Македонија, местото и улогата на општинските комисии за односи меѓу заедниците, потенцијалите за ревитализација на месната самоуправа итн.
Првиот панел ќе се однесува на истражувањата поврзани со децентрализацијата и успешноста на ЕЛС во испорака на услугите и за политиките за рамномерен регионален развој. Говорници ќе бидат Дејан Павлески, заменик министер за локална самоуправа, Аце Коцевски, градоначалник на Велес, Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој и Драгица Здравева, раководителка на Центарот за развој на Источен плански регион.
За предизвиците од централизираниот развој на граѓанското општество во Македонија ќе говорат Тодор Ефремов, Раководител на Секторот за локален и економски развој во општина Кавадарци, Ајша Муаремоска Топалоска, Сектор за образоваие, советник за социјална, детска и здравствена заштита во општина Долнени, Астрит Реџепи, Програмски директор на Центар за едукација и развој – Теарце, и Лилјана Јоноски, Извршен директор на Рурална коалиција – Куманово.
Последниот панел ќе се фокусира на унапредување на правата на заедниците на локално ниво преку Комисиите за односи меѓу заедниците. Говорници во овој дел ќе бидат Дејан Павлески, заменик министер за локална самоуправа, Рубин Земон, посебен советник на Премиерот на владата на Република Македонија (ПВРМ) за развој на мултикултурното општество, интеркултурализмот и интеркултурните комуникации, и Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар
Работни јазици на конференцијата ќе бидат македонски и албански.
Патните трошоци ќе бидат рефундирани врз основа на приложен автобуски билет или сметка за гориво, во висина на повратна автобуска карта до Велес.
Форумот е инициран од програмата Цивика мобилитас, а го организираат грантистите на програмата Форум – Центар за стратешки истражувања и документација – Скопје, Центарот за економски анализи – Скопје и Институтот за развој на заедниците – Тетово.
Запознавање со концептот на организацискиот развој на граѓанските организации и нивниот животен циклус беа темите на работилницата што се одржа на 16 јуни 2016 година во х. ТЦЦ Гранд Плаза, Скопје. На работилницата учествуваа претставници од дваесетте институционални грантисти од вториот повик на Цивика мобилитас, а ја водеше Ана Василаче, меѓународен експерт на програмата.
Цивика мобилитас, промовираше девет мали и пет ад хок грантисти, како дел од програмата на Националниот форум што се одржа на 4 декември 2015 година. Сертификатите на грантистите им ги додели вршителот на должност Амбасадор на Швајцарија во Македонија, г-ѓа Катерина Штокер. „Целта е да се создаде критична маса на граѓански организации кои ќе бидат подготвени навремено да ги адресираат проблемите во општеството и со активно учество да ги решат“, рече Штокер.