Граѓанскиот сектор има капацитет да придонесе кон поквалитетни закони
Редовна и интензивна соработка, поедноставување на процедурите за граѓанските иницијативи, ажурирани листи за комуникација со граѓанските организации, поголема информираност и почести редовни средби со граѓанските организации беа главните заклучоци на денешниот Национален форум на Цивика мобилитас „Соработката помеѓу Собранието и граѓанските организации“.
Над 120 пратеници и претставници на граѓанските организации присуствуваа на дискусијата која ги рефлектираше досегашните искуства од соработката а ги постави и идните перспективи.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го отвори настанот истакнувајќи го напредокот на Собранието во отвореноста кон граѓаните и здруженијата. „Собранието, во овој мандат, покажа дека е отворено за секоја иницијатива која доаѓа од граѓанскиот сектор. Можеби имаме потреба од поефикасно канализирање на тие предлози и иницијативи, како и нивна имплементација“, додаде тој.
Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Сибил Сутер Тејада, го поздрави развојот кој граѓанското општество го направи изминатиот период и стана важен играч и клучен партнер во владините реформи. „Се надевам дека овој позитивен тренд ќе биде проследен и со други мерки како што се финансиската поддршка на граѓанското општество и транспарентното доделување на фондовите“, рече таа.
Јован Митрески и Никола Мицевски, координатори на пратеничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ја искажаа нивната перспектива на соработката и очекувањата дека граѓанските организации ќе бидат уште повеќе вклучени во реформите кои претстојат како дел од пристапниот процес кон ЕУ. Тие беа согласни дека механизмите за соработка не се целосно искористени, а во подготовка се промени кои ќе отворат поголем простор за учество.

Пратеничките Слаѓана Митевска, Ивана Туфегџиќ, Јулијана Николова и Шпреса Хадри ги истакнаа примерите на соработка со граѓанските организации. Меѓу нив како најзначајни беа спомнати ратификувањето на Истанбулската конвенција, Законот за прекинување на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување корупција и судир на интереси, како и постапката за избор на новите членови на ДКСК. За нив, од особена важност се обуките, работилниците, студиските посети и слични настани кои им помагаат да се запознаат подобро со проблемите на граѓаните и да делуваат соодветно.
Влора Речица од ИДСЦС, Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини и Сретен Коцески од ИРЗ Тетово, ја претставија борбата на граѓанскиот сектор за да биде слушнат од страна на законодавната власт. Тие ги споделија нивните искуства при изработка на Блупринт документот за итните реформи, Законот за локална самоуправа и за основањето на интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ. Покрај успесите, беа спомнати и препреките кои се поставуваат пред здруженијата и ја отежнуваат соработката и комуникацијата со оваа институција.
Во текот на дискусијата токму комуникацијата беше истакната како клучна точка за подобрување и беше побарано истата да се институционализира. Освен тоа, беше утврдено дека има потреба од воспоставување редовна пракса за вклучување на здруженијата во работата на собраниските комисии.
Ваквата средба се покажа како добар формат за соочување и дискутирање помеѓу двете страни, по што Џафери порача дека може да се претвори во редовна пракса и да се одржува барем еднаш годишно.
Цивика мобилитас, на 5 мај 2015 година ги промовираше првите 16 грантисти во новата фаза на програмата. Добитници на институционални грантови се: Полио плус; Меѓаши; Хелтгрупер самит; ЦОРЗ – Дебар; Солидарност; ИЗБОР – Струмица; ЗНМ; АДИ – Гостивар; Центарот за граѓански комуникации; „Флоренс Најтингел“ – Куманово; Организацијата на жени на општина Свети Николе; Фондацијата за развој на локалната заедница Штип; АНИМА МУНДИ; ЦИВИЛ; КХАМ Делчево и ЦРЗ Кичево.
Партиципативноста на истражувањата и анализите кои ги прават граѓанските организации беше главната идеа на работилницата што се одржа на 18 мај 2016 година во просториите на МЦМС во Скопје. На работилницата учествуваа 11 претставници на институционалните грантистите на Цивика мобилитас, а ја водеше Сајмон Форестер, меѓународен експерт на програмата.