Потпишани договорите за првите специфични акциски грантови
Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ денес (12.2.2016 година), во просториите на МЦМС ги потпишаа првите два договори за специфични акциски грантови на Цивика Мобилитас.

Првиот грант треба да продуцира и објави квалитетни истражувачки стории кои се однесуваат на функционирањето на граѓанското општество во целина, на програмата Цивика мобилитас и на нејзините грантисти. Ќе се воспостави соработка помеѓу граѓанските организации ангажирани во програмата Цивика мобилитас и истражувачките новинари што треба да придонесе да се подобри перцепцијата за граѓанското општество и неговото влијание во постигнување позитивни општествени промени.
Вториот грант ќе го дефинира влијанието на граѓанскиот сектор во пет сектори: социјала, образование, здравство, култура и медиуми, особено на грантистите на Цивика мобилитас. Ќе се зголеми граѓанското вклучување како резултат на подобар пристап на граѓаните до информациите за влијанието на граѓанскиот сектор преку иновативен начин на комуницирање.
Активностите ќе се спроведуваат 24 односно 30 месеци.
Цивика мобилитас, промовираше девет мали и пет ад хок грантисти, како дел од програмата на Националниот форум што се одржа на 4 декември 2015 година. Сертификатите на грантистите им ги додели вршителот на должност Амбасадор на Швајцарија во Македонија, г-ѓа Катерина Штокер. „Целта е да се создаде критична маса на граѓански организации кои ќе бидат подготвени навремено да ги адресираат проблемите во општеството и со активно учество да ги решат“, рече Штокер.